|
СО КОМПЈУТЕРСКИ ТРЕНАЖЕН СИСТЕМ - ДО ВРВНИ СПОРТСКИ РЕЗУЛТАТИ
 Во насока на што подобра подготовка на нашите спортисти за Зимските и Летните олимписки игри (Ванкувер 2010 и Лондон 2012), МОК за потребите на Скијачката федерација на Македонија и за Македонската спортска стрелачка федерација набави Компјутерско-тренажен стрелачки систем СКАТ (http://www.scatt.com) кој е креиран во соработка со Руската стрелачка репрезентација.
СКАТ-от е модерен оптички уред направен според последните истражувања на растечката светска технологија, а направен е од најдобрите електронски компоненти и материјали на денешницата. СКАТ-от се состои од електронски оптички сензор кој се фиксира до бурето на оружјето или на цилиндерот за компресиран воздух на воздушното оружје. Стрелачот стрела кон електронската цел, а трагата на целната точка се следи на компјутерскиот екран „во живо“. Со активирање на оружјето, точката на ударот се покажува на екранот. Сите податоци (траекторија на нишанење, растојанието, апсолутното растојание, координацијата, интервалите и многу други) од тренажната сесија се снимаат и автоматски се обработуваат со што понатамошната анализа на резултатите е многу олеснета, а грешките направени пред и за време на стрелањето лесно се одстрануваат. При вежбање во нормални услови може да се користи било кој тип на оружје и да се симулира пукање на далечина од 10 до 100 метра.
Овој компјутерски систем, ќе им помогне на македонските стрелци и биатлонци, да ја подобрат нивната вештина, а со тоа и нивните резултати, додека на почетниците ќе им помогне да го намалат времето за учење на стрелачките техники и вештини (најмалку за фактор два или три). Со други зборови, компјутерско-тренажниот стрелачки систем СКАТ ќе ги задоволи и најсофистицираните барања на денешните и идните Олимписки шампиони.
|