
СРЕДБА ТУПУРКОВСКИ - ФУЕРЕ

(Скопје, 5 фебруари 2009 година)
Во просториите на Македонскиот олимписки комитет се одржа средба помеѓу претседателот на МОК, д-р Васил Тупурковски и амбасадорот на Мисијата на Европската Унија, Н.Е. Ерван Фуере на која беше разговарано за досегашните активности на МОК, планот и програмата за следниот олимписки циклус 2009-2012, како и за можностите за заеднички активности на МОК со Мисијата на ЕУ во Скопје.
Двете страни изразија задоволство од заедничките определби за овозможување на подобри услови за тренинг и натпревар на македонските спортисти, но и на македонските граѓани. Во тој контекст договорена е реализација на целосна подршка на Скопскиот маратон, со тоа што МОК и Мисијата на ЕУ ќе вложат напори да го подигнат нивото на маратонот со доведување на „големи маратонски имиња“ од Европа.
Претседателот Тупурковски и амбасадорот Фуере најавија посета на основните и средните училишта на кои ќе им бидат поделени прикладни подароци на учениците, меѓу кои и цртаниот стрип „Олимписко примирје“, издаден од страна на Македонскиот и Албанскиот олимписки комитет, печатен на македонски и на албански јазик, проект поддржан од страна на Меѓународниот олимписки комитет.