
МОК, ВО СОРАБОТКА СО НАЦИОНАЛНИТЕ СПОРТСКИ ФЕДЕРАЦИИ ГИ ЗАПОЧНУВА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ЛОНДОН 2012

(20.09.2008 г.)
Со предавање на сертификатите на Македонскиот олимписки комитет, Ракометната федерација на Македонија и Светската ракометна федерација, предадени од страна на ракометниот експерт, г-динот Клаус Фелдман, заврши еднонеделниот семинар за македонските ракометни тренери.
По завршувањето на семинарот, на кој присуствуваа 41 тренер од Република Македонија, беше спроведен и анонимен прашалник, пополнет од страна на тренерите, според кој, теоретскиот дел на предавачот, г-динот Клаус Фелдман е оценет со просечна оценка 9.16, а практичниот дел е оценет со 8.75 (минимална оценка 1, максимална оценка 10).
Според резултатите од прашалникот, 89.2% од анонимно анкетираните тренери одговорија дека семинарот бил многу корисен, а 10.8% дека бил корисен. Ниту еден не одговори дека семинарот бил малку корисен. На прашањето дали треба да се продолжи со организација на вакви семинари, 92.6% од анонимно анкетираните тренери одговорија потврдно, а 7.4% побараа мали промени (кои се однесуваа на практичниот дел од изведбата и ангажман на поискусни демонстратори - сениорска екипа).
-----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Следна активност на Македонскиот олимписки комитет во соработка со Германскиот олимписки комитет, Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија и Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје е ангажирањето на германски атлетски експерт, г-динот Ахим Еке. Спомената активност, Македонскиот олимписки комитет заедно со Атлетската федерација на Македонија, ќе ја реализира во Охрид, во средината на месец октомври.
------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
(15-20/09/2008 г.)
Македонскиот олимписки комитет во соработка со Германскиот олимписки комитет, Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и Ракометната федерација на Македонија ги започна подготовките за ЛОИ ЛОНДОН 2012. Во Скопје, на 15 септември 2008 година, започнa едно неделeн семинар кој ќе биде воден од г-дин Клаус Фелдман, лиценциран инструктор на Светската, Европската и Германската ракометна федерација, сопственик на една од најпрестижните приватни ракометни академии во Сојузна Република Германија.


Од 15 до 20 септември, г-динот Клаус Фелдман, заедно со селекторот на Машката ракометна федерација, Илија Темелковски, неговиот помошник Јорго Шундовски, ќе го води семинарот на кој ќе присуствуват сите ракометни тренери во Република Македонија. Од страна на Ракометната федерација на Македонија, овој едно неделен семинар е одреден како услов за добивање на тренерска лиценца за натпреварувачката 2008/2009 година.
Во исто време, Македонскиот олимписки комитет во соработка со Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје, од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија обезбеди и донација во спортска опрема, спортски реквизити и спортски научни материјали со кој што ракометот во Република Македонија ќе биде поставен на уште повисоко ниво и ќе претставува само почетна инвестиција во развојот на младинскиот ракомет во нашата држава.



По тој повод на 15.09.2008 година, во 12:00 часот, во просториите на Македонскиот олимписки комитет, се одржа и прес конференција, организирана од страна на Германската амбасада во Скопје, Ракометната федерација на Македонија и МОК.
МАКЕДОНСКИ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ