Одржана средба на Спортскиот директориум на Македонскиот олимписки комитет
Спортскиот директориум на Македонскиот олимписки комитет на 19 мај 2009 година, одржа средба на која се разговараше за составот на Спортскиот директориум на МОК, за кандидатите за обука на тренери по џудо во САД, за селекцијата на учесници за ЕМОФ Тампере 2009, набавка на софистицирана софтвер опрема за потребите на Националните спортски федерации и други тековни работи од работењето на Македонскиот олимписки комитет.
По првата точка, членовите ја прифатија поканата од Спортскиот директор, г-дин Владимир Богоевски, во следните 4 години да бидат членови на Спортскиот директориум на МОК. Конечна потврда на оваа одлука треба да даде УО на МОК.

Спортскиот директориум во следните четири години треба да биде во следниот состав:
- Владимир Богоевски – Спортски директор
- Наташа Мешковска – член
- Марин Докузовски – член
- Иван Лесевски – член
- Трајче Димков – член
- Александар Атанасовски – член
На состанокот се расправаше и за можноста, во соработка со Американскиот олимписки комитет, џудо тренер од Македонија да биде дел од Меѓународната обука за тренери која би требало да се одржи кон крајот на 2009 година. По разгледувањето на апликациите од кандидатите - џудо тренери (Горан Мицковски, Александар Ѓорѓиевски и Игор Паскоски), актуелниот селектор на сениорската џудо-репрезентација Игор Пасковски беше избран за кандидат на Македонскиот олимписки комитет за семинарот за обука на тренери по џудо во САД.
На претстојниот Европски младински олимписки фестивал во Тампере, Финска (19-24 Јули 2009 година), Македонија ќе биде претставена со 4 спортисти. Директориумот одлучи секој спортист да патува со личниот тренер, а тоа ќе биде искористено за да се разменат искуства и контакти со нивните колеги од другите држави.

Генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски, ги извести членовите на директориумот за акциите што ги организира канцеларијата на МОК, со помош на другите олимписки комитети. Во периодот од 1-7 јуни 2009 година, во Струмица и Дојран, ќе се одржи семинар по одбојка, на кој предавач ќе биде г-дин Петер Ноненбројх, лиценциран тренер на Светската одбојкарска федерација и на Германската одбојкарска репрезентација. Исто така, од 25 јуни до 2 јули ќе се одржи семинар за пливање, на кој предавач ќе биде помошникот тренер на Германската пливачка репрезентација, г-дин Олав Спал.
Беше дадена и информацијата дека МОК, со сопствени финансиски средства, за потребите на Македонската стрелачка федерација и за потребите на Скијачката федерација на Македонија ќе набави софистициран софтвер со кој што ќе се подобрат резултатите на нашите спортисти.