
МАКЕДОНСКИОТ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ СО ДОНАЦИИ ДО ПОДОБАР СПОРТ
Македонскиот олимписки комитет во својата зацртана програма да им помогне на Националните спортски федерации во Македонија оствари уште една меѓународна спортска донација. Во соработка со Министерството за надворешни работи на СР Германија, МОК за Атлетската федерација на Македонија, обезбеди донација на голем број атлетски реквизити кои што ќе се користат за тренинг и натпревари како и атлетки експерт кои што треба да ги воведе атлетските тренери од Македонија во најновите достигнувања во моделирањето на тренажниот процес.

Прес конференција во Охрид (г. Ахим Еке, г. Цветко Грозданов, г. Сашо Поповски, г. Лоренцо Перона)
По тој повод во Охрид, на 16 октомври 2008 година, во спортската сала „БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ“ беше свикана прес конференција на која присуствуваа г-динот Цветко Грозданов, претседател на Атлетската федерација на Македонија, г-дин Ахим Еке, атлетски експерт на Германскиот олимписки комитет, г-дин Лоренцо Перона, архитект, експерт на италијанската компанија МОНДО и д-р Сашо Поповски, генерален секретар на МОК.




Во донацијата, која што Македонскиот олимписки комитет ја обезбеди за потребите на Атлетската федерација на Македонија се наоѓаат стартни блокови, дискови, копја, кладива, ѓулиња, пречки, штафетни палки, стартери и слично, а од посебно значење е мерачот на брзина на ветер. На овој начин македонските атлетичари ќе имаат реквизити за поуспешни и поквалитетни тренинзи, а со самото тоа и поуспешни спортски резултати.
Ахим Еке - експерт на Германскиот олимписки комитет (Семинар за атлетски тренери, Охрид, 2008)
Покрај ова, во интерес на овозможување на поквалитетната работа со атлетичарите, во Охрид, од 15-20 октомври ќе биде организирана и посебена стручна обука на македонските атлетски тренери, на која главен предавач ќе биде г-динот Ахим Еке, експерт на Германскиот олимписки комитет, кој работи во Високата спортска школа во Цирих и е поранешен прв тренер на атлетската репрезентација на Швајцарија. На петдневниот семинар македонските атлетски стручњаци ќе имаат можност да се запознаат (теоретски и практично, со ДВД презентации, биомеханички анализи и сл.) со најновите трендови на современиот тренинг во атлетиката.
г. Лоренцо Перона 
Атлетската опрема и реквизити како и стручниот семинар ќе бидат добродојдени за македонската атлетика која подолго време е во криза, додека обезбедената донација на Македонскиот олимписки комитет за изградба на атлетската патека во Македонија ќе помогнат овој спорт да се врати на старите патеки. Во тој контекст, информираме дека во Македонија пристигна г-динот Лоренцо Перона, технички експерт на Италијанската компанија МОНДО. Оваа престижна компанија ја изгради и атлетската патека на олимпискиот стадион во Пекинг, патека на која беа поставени многу светски рекорди за време на Олимписките игри. Атлетска патека со таков квалитет и со истите пропратни содржини (скок во далечина, скок во височина, трискок, скок со стап, фрлање на копје, ѓуле, кладиво и диск, стиплчез и други) МОНДО треба да изгради и во Охрид, на стадионот Билјанини извори.
Македонскиот олимписки комитет, донацијата вредна повеќе од 400.000 долари, ја обезбеди во соработка со Европскиот олимписки комитет, Меѓународната атлетска федерација, Меѓународната атлетска фондација и МОНДО.
МАКЕДОНСКИ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ