|
 
Црн појас, трети дан за селекторот Паскоски
 Во организација на Македонскиот олимписки комитет, Интернационалниот олимписки комитет, Меѓународната џудо-федерација, универзитетот „Делавер“ и Американскиот олимписки комитет, селекторот на сениорската џудо-репрезентација Игор Паскоски престојуваше околу два месеца во САД, каде што учествуваше на обуката за тренери наречен ИЦЕЦП (International Coaching Enrichment Certificate Program).  Станува збор за семинар за обука на тренери што се запознаваат со најновите научни достигнувања од областа на различни олимписки спортови.  Програмата се состоеше од три дела, кои се реализираа од 11 септември до 27 октомври, додека четвртиот дел ќе се реализира во мај 2010-та во Лозана, каде што учесниците ќе полагаат завршен испит за добивање сертификат на ИОК и на универзитетот „Делавер“.  Првиот дел опфати двонеделни интензивни предавања од професори, доктори на науки од областа на спортот и спортската медицина, докажани тренери и експерти по спорт, спортски менаџмент во реномираниот Универзитет. Вториот дел се состоеше од практична работа во еден од најдобрите светски тренинг-центри за џудо „Северен Мајами“ во Мајами, каде што Паскоски имаше шанса да го покаже своето стекнато знаење. Уште на првиот тренинг помошникот на главниот тренер на репрезентацијата на САД, Герман Веласко, како и неговите колеги Набил Елалем од Либија (6 ДАН) и Иан Веитерс (5 ДАН) од Барбадос забележаа дека знаењето на Паскоски далеку го надминува степенот (појасот) што го поседува (1 дан). По контактите со МОК, Меѓународната џудо-федерација, како и со своите матични џудо-федерации, се доби овластување да се организира испит што и официјално влезе во распоредот на програмата.  На 21 октомври во присуство на еден од директорите на ИЦЕЦП, како и пред колегите-учесници официјално Игор Паскоски го положи испитот за црн појас 3 дан со беспрекорна изведба на бараните кати, техники и комбинации на техники што претседателот на комисијата (6 дан) ги бараше во согласност со правилата и нормите на ИЏФ (пoвeќe...).
 Паскоски е првиот џудо-тренер во Македонија што полагал пред интернационална комисија од највисоко ниво (6 дан и 5 дан) и се стекнал со знаење какво што е потребно на џудо-спортот во Македонија за да се воспостави систем за полагање на дан степен испити. 
|