



MOK СО ПОСЕБНО ВНИМАНИЕ КОН ЏУДОТО
- Одржан нов семинар за обука на џудо тренери
Во организација на Македонскиот олимписки комитет и Џудо федерацијата на Македонија, во перидот 6-9 Мај 2010 година, се одржа семинар за обука на тренери по џудо на кој главен предавач беше Иан Веитерс, овластен инструктор и тренер на Меѓународната џудо федерација (кој во исто време е и потпретседател на Џудо-федерацијата на Барбадос), носител на црн појас 5 дан.


Предавач на овој семинар беше и селекторот на Македонската џудо репрезентација, Игор Паскоски, носител на црн појас 3 дан.
Семинарот кој се одржа во хотелот „Балзак“ (теоретски дел) и на Факултетот за физичка култура (практичен дел) предизвика голем интерес меѓу џудо-тренерите во Македонија со бројката од над 40 лица што е и потврда дека џудото во Македонија се развива во нагорна линија.




Со оглед на тоа дека џудото е олимписки спорт, МОК му посветува посебно внимание, преку создавање на стручен кадар, како и на останатите поединечни спортови од каде што подоцна сигурно ќе произлезе потенцијал за врвен резултат на олимписките игри.

Четиридневниот семинар покрај теоретскиот дел заврши и со стручен дел на кои македонските тренери, за прв пат во самостојна Македонија, полагаа стручен испит за ДАН. Претседателот на комисијата, Иан Веитерс беше пријатно изненаден од желбата, волјата, посветеноста и степенот на стручната подготовка на нашите тренери и на дури 16 македонски џудо тренери (од 20 кои се пријавија за полагање) ја унапредија својата стручност односно се здобија со црн појас (прв и втор ДАН).