|
Претседателот на МОК, д-р Васил Тупурковски, на почетокот на 84-тата седница, на членовите на Управниот одбор на Македонскиот олимписки комитет (УО на МОК), им ја презентираше идејата за одржување на Конференција на Националните олимписки комитети на Југо-источна Европа со учество на претседателот на Рускиот олимписки комитет, г-динот Александар Жуков и претседателот на Европските олимписки комитети, г-динот Патрик Хики. Терминот на оддржување на Конференцијата дополнително ќе треба да се утврди. Ленче Алексовска информираше дека на ФФК се отвара нов предмет “Жена и спорт“, нешто што беше од сите членови на УО искрено поздравено. УО на МОК донесе одлука редовното годишно Собрание на МОК да се одржи на 23 јуни годинава. Од страна на претседателот на МОК беше побарана согласност од членовите на УО, да се поддржи иницијативата, базенот “МЛАДОСТ“, во иднина да се вика според нашиот олимписки великан Атина Бојаџи. Спортскиот директор, Владимир Богоевски даде краток извештај за претстојниот европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Трабзон, Турција, а УО на МОК го назначи Александар Тасевски да биде шеф на делегацијата на младинската олимписка екипа на МОК. Атлетската федерација на Македонија писмено се обрати до УО на МОК да ја преиспита одлуката, спортистите кои еднаш користеле вајлд карта да немаат право на втор настап на олимписките игри на ист начин. УО на МОК заклучи дека не се создадени услови за измена на веќе донесената одлука на УО на МОК. Васко Костојчиновски побара во активирањето на договорот на МОК со Катарскиот олимписки комитет и ставање на истиот во функција на делегацијата на Стопанската Комора на Македонија која ќе има средба со стопанствениците од Катар, во септември оваа година. Насе Насев информираше дека во септември оваа година, ФИЛА ќе треба ја официјализира одлуката Македонија да биде домаќин на ЕП – во борење за кадети и побара и МОК да се вклучи во организацијата. Претседателот на МОК, д-р Васил Тупурковски истакна дека организацијата на првенството треба да се прифати, без никакви финансиски обврски на МОК. УО на МОК предложи и да се разгледа можноста за трансформација на сопственоста на канцелариите на МОК за кои се плаќа висок износ до ЈПССДП на РМ, средства кои можат да бидат искористени за подготовки на нашите олимписки кандидати за Олимписките игри во ЛОНДОН 2012, СОЧИ 2014 и РИО 2016. |