|
На 17 Декември 2010 година, во Киев, Украина, се одржа свечена прослава по поводот 20 години од постоењето на Украинскиот олимписки комитет. Ретка чест да учествува на оваа голема свеченост ја имаше и Претседателот на Македонскиот олимписки комитет Д-р ВАСИЛ ТУПУРКОВСКИ, кој доби специјална покана од претседателот на Украинскиот олимписки комитет, член на Меѓународниот олимписки комитет и потпретседател на Меѓународната Асоцијација на Атлетските Федерации, г-динот СЕРГЕЈ БУБКА. |
|
Претседателот на МОК, Д-р Васил Тупурковски беше примен и од страна на претседателот на Украина, г-динот ВИКТОР ЈАНУКОВИЧ, а на оваа свеченост беше остварена и средба меѓу претседателот на МОК, Д-р ВАСИЛ ТУПУРКОВСКИ и претседателот на ИОК, Д-р ЖАК РОГ, при што беше договорена официјална средба на која треба да се разговара на тема унапредување на Олимпизмот и спортот во Македонија како и зголемување на помошта која ИОК континуирано и безрезервно и ја пружа на МОК.
Во разговорите меѓу ТУПУРКОВСКИ и БУБКА беше потврдена реализацијата на веќе потпишаниот договор меѓу Македонскиот и Украинскиот олимписки комитет, при што како следна фаза, беше наведена потребата од иницирање на поблиска комуникација меѓу Националните спортски федерации на Македонија и Украина, унапредување на условите за подготовка и натпревар на македонските спортисти преку реализација на подготовки и тренинг во Украина, но и размена на тренери заради реализација и унапредување на тренажниот и натпреварувачкиот процес. На оваа средба беше договорено и ангажирање на врвни тренери од Украина кои на подолг период би работеле со младите талентирани спортисти од Македонија.
Во Киев, Д-р Васил Тупурковски оствари средба и со претседателот на Рускиот олимписки комитет и потпретседател на Владата на Руската Федерација, г-дин АЛЕКСАНДАР ЖУКОВ, при што беше договорена многу поблиска соработка, а договорено е многу наскоро да има и официјализирање на оваа соработка преку потпишување на договор за билатерална соработка меѓу Македонскиот и Рускиот олимписки комитет.
На оваа свеченост присуствуваа и претседателот на Европскиот олимписки комитети г-дин ПАТРИК ХИКИ, потпретседателот на Меѓународниот олимписки комитет, г-дин СЕР МИЈАН НГ, претседателот на Асоцијацијата нa Летните олимписки меѓународни асоцијации г-дин ДЕНИС ОСВАЛД, членовите на ИОК г-ѓа ГУНИЛА ЛИНДБЕРГ, г-ѓа ИРЕНА ШЕВИНСКА г-дин УГУР ЕРДЕНЕР, г-дин АЛЕКС ГИЛАДИ и г-дин ЛАМБИС НИКОЛАУ. На свеченоста учествуваа и претседателот на Латвискиот олимписки комитет, г-дин АЛДОНС ВРУБЛЕСКИС, претседателот на Естонскиот олимписки комитет, г-дин МАРТ СИМАН, претседателот на Бугарскиот олимписки комитет, г-ѓа СТЕФКА КОСТАДИНОВА и претседателот на Словачкиот олимписки комитет г-дин ФРАНТИШЕК ХМЕЛАР. |