|
|
|
|
Одржан состанок на спортскиот директориум |
|
30-09-2010 |
  Одржан состанок на спортскиот директориум
Спортскиот директориум на МОК, на својата последна редовна седница, во состав Владимир Богоевски, спортски директор и членовите Александар Атанасовски, Марин Докузовски, Иван Лесевски, Наташа Мешковска и Трајче Димков на дневен ред ги имаше актуелните анализи за спортските постигнувања на македонските спортисти на меѓународен план. Тоа се однесува за боксерите, борачите, кајакарите и за ватерполистите. Покрај тоа беа анализирани и постигнувањата на македонските спортисти на првата младинска олимпијада во Сингапур. Стручното тело на МОК во општата оцена во врска со овие анализи искажа едногласно мислење дека македонските спортисти не ги оправдаа очекувањата.
Резултатите на борачите Дејан Митров и Дејан Богданов кои на Светското првенство во Москва допатуваа како 5 и 7-пласирани од Европското првенство не ги остварија посакуваните резултати. Иако МОК обезбеди завршните подготовки да се реализираат во Романија и во Русија, одговорните во ФБСМ не ги искористија тие можности и впечаток е дека борачите недоволно подготвени и без вистински спаринг-партнери не можеле да остварат некои позначајни резултати.
Истиот впечаток останува и за боксерите на СП во Москва. Димовски, Мумин и Жута некое оправдување може да бараат во тешката ждрепка.
Меѓутоа во Директориумот се потврдува мислењето дека боксерите и борачите имаат потенцијал во кој треба да се инвестира за да обезбедат виза и пласман, а потоа и успешен настап на ОИ во Лондон 2012 година.
Настапот на ватерполистите на ЕП во Загреб е оценет како катастрофален и дека оваа селекција со ништо не ги оправда очекувањата на македонската јавност и оттаму владее мислењето дека овој состав тешко ќе може да ја оствари желбата за учество на ЛОИ.
Единствената светла точка во анализите е кајакарот Атанас Николовски со освоеното 7. место на СП во Тацен, Словенија. Долгогодишната инвестиција на МОК заедно со неговите квалитети потврдуваат дека Николовски е сериозен кандидат за учество и солиден пласман на ЛОИ во Лондон 2012.
Директориумот се согласи да се побараат од националните спортски федерации листи на спортистите кандидати за учество на ЛОИ од кои подоцна ќе се направи приоритетна листа за учесници на ЛОИ.
МОК, Агенцијата за млади и спорт и матичните федерации треба да обезбедат максимални услови за спортистите од приоритетната листа за да може тие да постигнат резултати кои би им овозможиле учество на ЛОИ.
Настапот на македонските репрезентативци на Младинската олимпијада во Сингапур е оценет различно. Симона Маринова и Марко Блажевски (пливање) го оправдаа учеството, а Тијана Тасевска (пливање), Драгана Волкановска (бадминтон), Дијана Петрова (стрелаштво), Стефан Мицов (тенис) добија неопходно меѓународно искуство кое само ќе може да им користи во натамошната кариера.
Предлог-казна за Милан Марковски
Директориумот на МОК беше едногласен во оцената дека откажувањето на тренерот по тенис Милан Марковски е несфатливо и недолично за тренер кој требаше да ја претставува Македонија на Игрите во Сингапур.
Со неговото откажување тенисерот Мицов остана без тренер, за кој МОК направи отстапка, спортскиот директор на МОК го отстапи своето место за неговиот пат.
Директориумот ќе му предложи на УО на МОК, Марковски да биде суспендиран од сите натпревари во организација на ИОК, ЕОК и МОК. |
|
| Назад |
|
|
|
|
|