Поддршка од Американскиот олимписки комитет за македонските олимпијци

Соработка меѓу Македонскиот и Американскиот олимписки комитет
Генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет, д-р Сашо Поповски како почесен гостин беше поканет да биде учесник на годишното Собрание на Американскиот олимписки комитет. Годишното собрание се одржа во градот Чикаго и Македонскиот олимписки комитет беше единствен поканет гостин, кој на самото собрание беше претставен и поздравен од сите присутни делегати.

Претседателот на Американскиот олимписки комитет, г-дин Лоренс Пробст III и
Генералниот секретар на МОК, д-р Сашо Поповски
На Собранието, помеѓу Генералниот секретар на МОК, д-р Сашо Поповски и Претседателот на Американскиот олимписки комитет, г-дин Лоренс Пробст III беше договорена многу потесна и поконкретна меѓусебна соработка како и давање на долгорочна помош на македонските спортисти од страна на најголемата спортска сила во светот.
Директорот на AOK, г-ѓа Каролина Бајон, Ген.сек. на AOK г-ѓа Стефани Стритер, Ген.сек. на МОК Д-р Сашо Поповски,
Потпретседател на AOK г-дин Боб Цтвртлик, Директор на AOK, г-дин Боб Фасуло
На тридневниот состанок, помеѓу Генералниот секретар, д-р Сашо Поповски и највисоките раководни претставници на Американскиот олимписки комитет, кој се одржа во американскиот олимписки центар Колорадо Спрингс беше договорено македонските спортисти бесплатно да можат да ги користат благодетите кои ги нудат трите американски олимписки центри во Колорадо Спрингс, Чула Виста и Лејк Плесид, но и бесплатно да ја користат стручната експертиза на најдобрите американски експерти и тренери, спортски психолози, доктори по спортска медицина, нутрицисти, научните центри за биомеханичко истражување и спортска медицина, опоравување, нутрицизам, масажи и многу други дополнителни програми битни за постигнување на врвни спортски резултати. Покрај ова, од страна на АОК, беше претставена и нивната целокупна организација, начин и план на работа, можности за соработка со МОК и слично (повеќе...).

Сместувањето во олимписките центри во САД е обезбедено од светскиот ланец на хотели Хилтон, додека за специјалната спортска исхрана се грижат најдобрите американски нутриционисти. Сите овие благодети во кои уживаат, но и напорно тренираат американските спортисти, сега се достапни и за македонските олимписки кандидати.
Во однос на оваа активност МОК на 14 Октомври ги покани и одржа состанок со Националните спортски федерации, на кој им беше презентиран начинот на кој МОК може да ја помогне и олесни нивната работа, но и заедничката обврска во насока на обезбедување на многу подобри услови за подготовка на нашите спортисти-олимписки кандидати.