|
На повеќечасовниот состанок присуствуваше и претставникот на Амбасадата на Кралството Холандија, г. Герт Кампман, кој е заменик на амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, Н.Е. г-ѓа Симоне Филипини.
На состанокот се разговараше за организацијата на спортскиот систем во Македонија, систем кој е многу специфичен и кој треба да претрпи одредени промени, се зборуваше за системот на натпревари, едукацијата на тренери и судии, искористеноста на постојните ресурси (финансиски, човечки, материјални и др.), начинот на финансирање, но и искористување на тие финансии, релациите и помошта која националните спортски федерации ја добиваат од Македонскиот олимпискиот комитет и од државата и во кој период ги добиваат истите како и за многу други фактори кои влијаат директно или индиректно врз унапредувањето на спортот во Македонија.
Гостите од Холандија, на 13 јануари имаа средба и со националните спортски федерации што не се со работна адреса во Скопје, а состанокот се одржа во Охрид, при што гостите од Холандија имаа можност да ја видат и атлетската патека во Охрид, како и преостанатата спортска инфраструктура, која, со помош на МОК и можноста за донации што МОК може да ги обезбеди, спортскиот центар „Билјанини извори“ може да прерасне во регионален олимписки центар за развој на врвните спортисти.
Гостите од Холандија последниот ден од нивната посета имаа средба и со претставниците на Агенцијата за млади и спорт со кои разменија мислења и ставови за специфичниот начин на организацијата на спортот во Македонија. По враќањето во Холандија, експертите на Холандскиот олимписки комитет ќе изработат заеднички документ, кој ќе го достават до Македонскиот олимписки комитет и кој ќе треба да претставува основа за одржлива и долгорочна соработка помеѓу двата олимписки комитета. |