|
Македонскиот олимписки комитет и Ракометната федерација на Македонија потпишаа Договор за соработка и поддршка на МОК кон РФМ во однос на подготовките и учеството на машката ракометна репрезентација на Европско ракометно првенство, Србија 2012, можното учество на квалификациониот Олимписки турнир и Летните олимписки игри Лондон 2012.
Договорот го потпишаа претседателите на МОК и РФМ, Васил Тупурковски и Михајло Михајловски. На потпишувањето присутни беа и нашите најдобри ракометари Кире Лазаров, Наумче Мојсовски, Ванчо Димовски како и селекторот Звонко Шундовски, кои ја изразија својата благодарност до МОК за се што досега има направено за нив, но и за она што ќе треба да биде реализирано од страна на МОК во иднина за соодветниот развој на ракометот во Македонија. “Веруваме дека со нашата напорна и квалитетна работа, но и со ваша поддршка, ќе се здобиеме со уште подобри услови за работа, кои ќе придонесат за наши многу подобри спортски резултати, за што сите ние сме ви искрено благодарни.“ - изјавија нашите ракометари.
Со овој договор, меѓу другото МОК се обврза, заедно со РФМ, да отвори и развие младински ракометни школи низ Македонија со што ќе се даде целосен придонес кон развојот на ракометот и по Олимписките игри во ЛОНДОН 2012. МОК во целост финансиски го покри патувањето на нашите најдобри ракометари во однос на нивните подготовки во Норвешка каде што тие ќе учествуват на силниот ракометен турнир кој треба да им помогне да ја достигнат посакуваната форма пред Европското првенство во Србија. |