|
|
ВЕСТИ |
|
ЗАВРШИ НАСТАПОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПАРАОЛИМПИЈЦИ ВО ПЕКИНГ |
12-09-2008 |
 |
|
ЗАВРШИ НАСТАПОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПАРАОЛИМПИЈЦИ ВО ПЕКИНГ
(12.09.2008 година) На 12.09.2008 година, во 11:45 часот по локално време во Пекинг (05:45 часот по македонско време) на стартната линија на олимпиското стрелиште во Пекинг, во конкуренција на 30 натпреварувачи, во дисциплината П4-50м спортски пиштол (слободно), настапија и нашите претставници Ванчо Каранфилов и Оливера Бикова - Наковска.
Оливера Бикова - Наковска го зазеде 15 место со резултат од 518 кругови (по серии 87, 89, 90, 85, 87, 80), додека Ванчо Каранфилов го зазеде 22 место со резултат од 507 кругови (по серии 84, 83, 81, 84, 88, 87).
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
(10.09.2008 година) На 10.09.2008 година, во 09:00 часот по локално време во Пекинг (03:00 часот по македонско време) на стартната линија, во конкуренција на 27 натпреварувачи, во дисциплината П3-25м спортски пиштол (мешано), настапија и нашите претставници Ванчо Каранфилов и Оливера Бикова - Наковска.
Во првата серија, прецизност, Ванчо Каранфилов погоди 96, во втората 93 и во третата 94 кругови. Во брза стрелба, во првата серија, Ванчо Каранфилов погоди 91, во втората 95 и во третата 85 кругови. Со вкупен резултат од 554 кругови, Ванчо Каранфилов го освои 13 место. (конечни резултати) Во првата серија, прецизност, Оливера Бикова - Наковска погоди 97, во втората 97 и во третата 93 кругови. Во брза стрелба, во првата серија, Оливера Бикова - Наковска погоди 94, во втората 85 и во третата 87 кругови. Со вкупен резултат од 553 кругови, Оливера Бикова - Наковска го освои 15 место. (конечни резултати)
 Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов на стрелиштето во Пекинг (10/09/2008, Пекинг)
По завршување на првиот дел од 30 истрели прецизно, Оливера Наковска-Бикова со резултат од 287 кругови (што е нејзин личен рекорд) се пласира на делбата на третото место, додека Ванчо Каранфилов со 283 кругови се пласира на десеттото место, исто така со изгледни шанси за влез во финале. Почетокот на брзата стрелба ветуваше многу се до половината од натпреварот и испуканите 15 истрели. Тогаш се случи деконцентрација кај нашите стрелци и во две од трите последни серии од по 5 куршуми, тие не беа на висината на своите можности, така да на крај Ванчо Каранфилов со 554 кругови го освои 13-то место, додека Оливера Наковска-Бикова со 553 кругови го освои конечното 15 место.
“Морам да истакнам дека во подготвителниот период средниот резултат на нашите спортисти во оваа дисциплина беше во висина на финале на Параолимписките игри. Не сакам да звучи како било какво оправдание, оти моите спортисти можат да се носат со успеси и неуспеси, но ова навистина е специфична дисциплина која бара огромна количина на муниција за тренинг, нешто што ние како стрелци и како федерација никогаш не сме го имале. Затоа во ова дисциплина секогаш малку повеќе одиме на среќа отколку на подготвеност” - истакна тренерот на спортистите Бранимир Јовановски.
Денес е роденден на Ванчо Каранфилов. Спортскиот директор на стрелиштето го изненади на самата пукална со прекрасен букет цвеќе, интервју за телевизија, а нашата делегација со нашите асистенти му приреди мала забава во нашиот апартман во олимпиското село. Исто така и од раководителот на олимпиското село му беше врачен мал поклон.
На ред е последната дисциплина малокалибарски пиштол слободен избор. Согласно резултатите од подготвителниот период ова е најсилната дисциплина на Ванчо Каранфилов. Да се надеваме на добри вести на 12.09.2008 кога завршува настапот на нашите спортисти на 13-те Параолимписки игри.
------------------------------------------------------------------------------------- (08.09.2008 година) - Петто место за Оливера Наковска - Бикова

 Македонските параолимпијци, Ванчо Каранфилов и Оливера Наковска Бикова, стартуваа на Параолимписките игри во Пекинг во дисциплината воздушен пиштол.
На 07.09.2008 година, во 11:45 часот по локално време во Пекинг (05:45 часот по македонско време) на стартната линија, во конкуренција на 34 натпреварувачи се појави Ванчо Каранфилов. Меѓутоа, техничките проблеми како и желбата за постигнување на висок пласман направија преголем притисок и со испукани 549 круга, Ванчо Каранфилов го освои 27 место. (Конечни резултати)На 08.09.2008, во 12:15 часот по локално време во Пекинг (06:15 часот по македонско време) на стартната линија се појави Оливера Наковска Бикова. Во конкуренција на 17 натпреварувачки во основниот дел, исто така притисната од желба токму тука да ги постигне своите високи спортски дострели и да ја дополни својата богата колекција на медали и со параолимписки, во првите две серии не беше на висината на нејзините можности и со испукани вкупно 368 кругови во финалето влезе како четвртопласирана. Во десеттиот финален истрел, Оливера Наковска Бикова имаше голема шанса да го освои бронзениот медал. Конкурентките испукаа осумки и доколку Оливера испукаше најмалку 9,5 ќе се закитеше со бронзениот медал. Меѓутоа, за несреќа и Оливера им се придружи на конкурентките стрелајќи 8,9 со исто така слаб погодок во последната серија и на крајот со постигнати 462,1 кругови го освои конечното петто место. Жалиме за пропуштената шанса да се освои медал, но во исто време искрено се радуваме на овој нејзин успех, влез во финалето и освојување на високото петто место. (Конечни резултати).
Нашите спортисти ќе се натпреваруваат уште во две дисциплини од која првата, спорт пиштол, на 10.09.2008 година во 09:00 часот по локално време (03:00 по македонско време).
Бранимир Јовановски
|
| Назад |
|
|
|
|