ОТВОРЕНИ НОВИ ЕВРОПСКИ ПЕРСПЕКТИВИ
Во Рим на 8 октомври 2010 година се одржа првиот состанок на Комисијата за меѓународни односи на Европскиот олимписки комитет (ЕОК). Членовите на Комисијата (Сашо Поповски-Македонија, Катрин Меркел-Германија, Жан-Пјер Мужин-Франција, Александар Ратнер-Русија, Тогај Бајатли-Турција, Матс Андерсен-Данска, Василики Балта-Грција, Анџело Вичини-Сан Maрино и Андрија Поповиќ-Црна Гора) најнапред беа поздравени од страна на потпретседателот на Меѓународниот олимписки комитет, г-дин Марио Песканте како и од страна на Генералниот секретар на ЕОК, г-динот Рафаеле Пањоци.  Со изборот на д-р Сашо Поповски во Комисијата за меѓународни односи на ЕОК, одадена е големиот чест на МОК, како олимписки комитет кој е еден од најактивните олимписки комитети во Европа.
Работата на оваа комисија ќе биде од фундаментална важност за Европското олимписко семејство, бидејќи таа ќе се занимава со работи кои што ќе се однесуваат на специфични меѓународни подрачја, кои полесно се решаваат преку спортот одколку со политика, а Комисијата ќе ги подготвува и најважните одлуки за највисоките органи на Европските олимписки комитети.
На состанокот, членовите на Комисијата разменија мислења и ставови во однос на агендата за периодот 2010-2014 година, а Генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет, д-р Сашо Поповски предложи поблиска и поконкретна соработка и комуникација на Европските олимписки комитети со Меѓународните спортски федерации како и подобрување на меѓусебната соработка и поголема солидарност за помош на “помалку развиените“ олимписки комитети во однос на развој на стручниот кадар, донирање на спортска опрема и размена на спортисти.
На маргините на состанокот, д-р Сашо Поповски разговараше и со членовите на Комисијата, кои се исто така високи официјални претставници на големите европски олимписки комитети, за соработка и можна помош за одредени национални спортски федерации од Македонија, особено во врска со професионалниот развој обука на стручниот кадар и развој на капацитети за подготовка на нашите спортисти во овие земји.
По средбата, членовите на Комисијата беа во можност да остварат средба со челниците на Италијанскиот олимписки комитет, да го посетат Олимпискиот стадион во Рим и да го проследат Светското првенство во одбојка.
********************************************************* Одржан 13-иот Форум на ЕНГСО
Хрватскиот олимписки комитет беше домаќин на 13-тиот форум на ЕНГСО (Европски невладини спортски организации) кој се одржа во Дубровник на 8-9 Октомври 2010 година. Претставник на МОК беше вон.проф. д-р Наташа Мешковска која заедно со претставниците на уште 20 други европски земји зборуваа на тема "Социјална инклузија и едукација преку спорт". На овoj форум се разговараше за креирање на заедничка стратегија, но и користење на искуството на голем број претставници на националните спортски федерации од 20 европски земји, вклучувајќи ги и претставниците на земјата домаќин и ко-организатор на хрватскиот олимписки комитет, на чело со нивниот претседател Златко Матеша.
|