
Обезбедена нова стручна специјализација за потребите на
спортските федерации во Македонија
Македонскиот олимписки комитет обезбеди нова програма за потребите на Атлетската федерација на Македонија, а тоа е тримесчен престој во специјализираниот спортски универзитет во Будимпешта, кој е лиценциран за обука на атлетски тренери од страна на Меѓународниот олимписки комитет. Филип Колевски, предложен од страна на Атлетската федерација на Македонија, во периодот од 23 Март до 16 Јуни 2010 година, ќе престојува на специјализираниот универзитет, на кој ќе има околу 180 часови, исполнети со практични и теоретски предавања како и практични и теоретски вежби.
На крајот од оваа програма, Филип ќе полага испит составен од теоретски, практични прашања како и одредени вежби за развој на соодветни спортски програми, со што треба да стане првиот стручно едуциран атлетски тренер во Македонија со диплома од Универзитетот кој е овластен од ИОК да едуцира стручни тренерски кадри.

Стипендијата која ја обезбеди МОК и е со вредност од преку 10.000 американски долари, е само една во низот на акции кои Македонскиот олимписки комитет (покрај најголемата, изградбата на првата олимписка атлетска патека во Охрид, донација во спортска опрема, одржување на семинари за обука на тренери во Македонија и слично) ги обезбеди за развојот на атлетиката во Македонија.
Во завршна фаза се и договори за обука на тренери и на другите национални спортски федерации од Македонија кои имаат потреба за оваков вид на помош од страна на Македонскиот олимписки комитет.