|
 ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ДЕНОВИ БЕРОВО 2010
Во организација на Македонскиот олимписки комитет и Општината Берово (http//www.berovo.gov.mk) се одржаа традиционалните Летни олимписки денови. Во оваа прилика дојде до израз посветеноста и љубовта на беровчани кон спортот и олимпизмот и сите кои беа присутни на оваа манифестација уживаа во литературните раскази на младите беровчани, уметничките дела на учениците од Основното училиште "Дедо Иљо Малешески", музичкиот настап на училишниот хор и спортски настани во трчање, кошарка, фудбал и друго.   
Според традицијата, МОК и годинава со цел да го доближи Олимпизмот и развие олимпискиот дух особено кај младата популација ги организираше Летните олимписки денови во Берово, а делегацијата на МОК предводена од генералниот секретар Д-р Сашо Поповски и спортскиот директор Владимир Богоевски имаше прилика да се запознае со условите во кои се одвиваат спортските активности во градот Берово, посебно во училиштата.
  Гостите од Скопје беа срдечно пречекани во просториите на општина Берово од страна на градоначалникот на Берово, г-дин Драги Наџински, а потоа им беше приредена и богата културно-уметничка програма во ОУ "Дедо Иљо Малешевски" со презентирање на мандолинскиот оркестар и изложбата на цртежи на тема "Олимпизам".
 Во рамките на спортските активности се одржаа натпреварите во одбојка, ракомет и мал фудбал, но централна спортска манифестација беше атлетската трка по улиците на Берово на која настапија околу 200 ученици од основните и средното училиште "Ацо Русковски".
Во својот поздравен говор градоначалникот на општина Берово, г-дин Драги Наџински, истакна дека “денес нема победници, победи Олимпизмот и општината Берово како дел од еден Олимписки ден”. 
Како потврда за учеството во атлетската трка МОК на сите учесници им подели благодарници, а на директорите на основните и средните училишта им подели фудбалски, ракометарски, одбојкарски и кошаркарски топки како и стручна литература поврзана со Олимпизмот.
 Малешевијата - еден од најубавите природни предели во Македонија (фото: МОК). Повеќе на следниот линк: Мојата чудесна земја - БЕРОВО
|